Home » SMM

The Graphs – студија на случај за успешна промоција

Автор: Дарко Булдиоски | Објавено на 30 Jun 2010 | 1 Коментар
Сподели

Кога SmashingMagazine ќе твитне некој линк, за мене тоа значи дека е добра препорака. Минатата недела тие твитнаа линк од проект (производ) креиран од еден Македонец. Гоце Митевски е авторот на бесплатната колекцијата на графици: The Graphs

Ги симнав, ме бендисаа, го прочитав неговиот пост: The Graphs 2 и решив да го искомуницирам и да му поставам неколку прашања кои може да им бидат од корист на различни компании и индивидуалци при изнаоѓање начин за (скоро) бесплатна промоција.

The Graphs 2

Збор-два за мотивацијата?

Кога ја добив идејата за првото издание на „The Graphs”, целта ми беше да изработам колекција на бесплатни и слободни, широко применливи графици со професионален изглед. Сакав колекција од различни типови на графици. Сакав графици што ќе прикажуваат генерални состојби: пораст, пад, 50 – 50 итн.

Сакав да направам графици што ќе бидат корисни и ќе им бидат од помош на луѓето на кои им се потребни. Мислам дека најголемиот мотив ми беше да делувам во глобални рамки.

Забележав дека на Интернет тешко се наоѓаат слики од графици што може слободно да се употребуваат. Во тој период интензивно ги истражував можностите што ги нуди V-Ray, па почнав да експериментирам создавајќи неколку едноставни фото-реалистични модели во 3ds Max. Најпрво изработив 6 едноставни линиски графици, а подоцна во договор со Smashing Magazine, ја проширив колекцијата со уште 12 дополнителни графици, за конечно да издадам сет од вкупно 18 графици.

По речиси две години, земајќи ги во предвид забелешките од заедницата, ја издадов втората верзија од „The Graphs” со драстично зголемување на бројот на достапните графици (169) и со нагласена флексибилност при изработката. За да овозможам непречено преземање на изданието, решив да изработам и посебна веб-страница. Втората верзија од графиците е исто така издадена под Creative Commons лиценца.

Колку треба да се познава пазарот за да се постигне успех?

Познавањето на пазарот има пресудна улога при создавањето на успешен производ. Затоа и сметам дека е неопходно да се истражува, пред да се започне со изработката.

  • Зошто се изработува производот?
  • За кого е наменет производот?
  • Дали станува збор за комерцијален производ?
  • Ако производот е комерцијален, на кој начин ќе се дистрибуира?
  • Дали постојат слични производи на пазарот?
  • Кои се недостатоците на конкурентските производи?
  • На кој начин ќе се употребува производот?

Не мислам дека постои некоја специјална формула за создавање на успешен производ, но сметам дека начинот на презентација на финалниот производ има одлучувачка улога за неговиот успех.

Поголеми шанси за успех речиси секогаш имаат производите што се иновативни. Иновативноста може да произлезе и од квалитетот на производот, така што сметам дека не секогаш е потребно да се понуди нешто „невидено“. Најчесто е сосем доволно да се понуди квалитетна изработка на добро познат тип на производ.

Колкаво враќање на инвестицијата може да се очекува на подолг или пократок рок?

Издавањето на бесплатни производи на Интернет е одличен начин за лична промоција, без многу формалности. Неверојатно е за колку кратко време, на светот можете му покажете дека постоите и создавате. Ако изработите привлечно издание, со сигурност можете да се потпрете на социјалните медиуми и во однос на промоцијата на вашето издание, да имате големи очекувања од нив.

Со инвестирање во личната промоција директно делувате кон привлекување на клиенти од засегнатите области. Ако покажете талент, клиентите самите ќе сакаат да земат дел од креативноста, применувајќи ја во својство на нивните производи. Мислам дека тоа е една од најголемите придобивки од издавањето на бесплатни производи на Интернет.

За крај малку статистика

  • Преземања на првите 6 графици: 768 пати
  • Преземања на прва верзија од „The Graphs“: над 13.600 пати
  • Уникатни посети на официјалната веб-страница на „The Graphs 2” (19 – 29 јуни, 2010): над 8.950
  • Преземања на втората верзија од „The Graphs“ (19 – 29 јуни, 2010): 3.080 пати
  • Преземања од 120 земји во светот. Најголем број на преземања од САД, Велика Британија, Германија, Македонија, Франција, Јапонија и Канада.
  • Зачувувања на Delicious (19 – 29 јуни, 2010): 231
  • Ретвирања (19 – 29 јуни, 2010): 144

Гоце може да го следите на Twitter или да го читате на неговиот блог. Јас само сакам да му се заблагодарам за одговорите.

Се разбира доколку имате сличен пример крано препорачливо е да го споделите искуството во коментарите.

http://emarketing.komunikacii.net/wp-content/plugins/sociofluid/images/stumbleupon_48.png http://emarketing.komunikacii.net/wp-content/plugins/sociofluid/images/delicious_48.png http://emarketing.komunikacii.net/wp-content/plugins/sociofluid/images/google_48.png http://emarketing.komunikacii.net/wp-content/plugins/sociofluid/images/facebook_48.png http://emarketing.komunikacii.net/wp-content/plugins/sociofluid/images/twitter_48.png


1 Коментар »

Коментирај!

Држи се до темата. Не спамирај. Благодариме.