Малите и средни бизниси игнорираат SEO
Повторно се враќаме на оптимизацијата. Колку и да се трудам да зборувам за нешто друго сепак тука ми се корените на мојата професија како и на секој друг професионалец во полето на Интернет маркетингот.
Пред некоја недела се разви дискусија на Твитер меѓу Дарко и Мартин поврзана со минатиот пост “Најскапата SEO конференција – SEOktoberfest 2010″:


Како што пиша Дарко “SEO е далеку повеќе од додаток на CMS. и далеку повеќе од сет технички работи…”. Јас на ова би додала дека игнорирањето на SEO е најдобриот начин да ја убиете вашата Интернет страница.
За вас, како сопственик на бизнис, оптимизацијата на вашата Интернет страница е скоро најважниот фактор за вашето Интернет присуство се до денот кога луѓето ќе престанат да пребаруваат информации на Интернет пребарувачите. Да, во последните години оптимизацијата опфаќа многу дополнителни аспекти на кои мора да се обрне внимание:
- креирање бренд;
- градење заедници;
- одржување блог;
- пишување статии;
- креирање видеа.
Но, ова не значи дека треба да се игнорираат основните техники за оптимизација за кои многу зборувавме во минатите постови. Да се каже дека SEO е преценета техника е нефер кон сите оние кои мака мачат да се рангираат на горните позиции на Интернет пребарувачите.
Оптимизацијата е особено важна за малите и средни претпријатија кои мора да бидат во чекор со гигантите кои го окупираат Интернет присуството на локално ниво. Според неколку скорешни статистики може да се заклучи дека малите и средни бизниси не само што не водат сметка за оптимизацијата туку и целосно ја игнорираат. Ајде да проследиме неколку проценти од анализи на овие бизниси:
1. Според Naked SEO извештајот на dotSEO (анализа на 50 Интернет страници на мали и средни бизниси во Велика Британија рангирани според “The Times“) овие претпријатија имаат многу мало познавање за оптимизацијата или воопшто не се свесни за бенефитите од нејзиното спроведување:
- 20% од нив воопшто не знаат што е SEO и поради тоа не инвестираат во оптимизација;
- 20% се свесни за SEO, но сепак одлучиле да не алоцираат буџет за нејзино спроведување;
- 18% одлучиле дека буџетот ќе го трошат на маркетинг на интернет пребарувачите - SEM наместо на SEO;
- само 15% инвестираат во SEO и ова го сметаат за важен или круцијален дел од нивната маркетинг стратегија.
(извор: Econsultancy.com)
Според овие податоци заклучокот е дека малите и средните бизниси во Велика Британија воопшто не се свесни за бенефитите кои произлегуваат од добро извршена оптимизација и воопшто не прават промени на нивните Интернет страници како би си помогнале во подобро рангирање на нивната страница.
2. Според State of UK Business Websites 2010 извештајот на Analytics SEO и Thomson Local (анализа на 1000 Интернет страници на мали и средни бизниси во Велика Британија според 30 критериуми за квалитетна оптимизација) изненадувачки е колку од овие бизниси не инвестираат во оптимизацијата за Интернет пребарувачи:
- 70% од бизнисите со помалку од 50 вработени немаат скоро никаква оптимизација на страницата;
- 74% не користат никакви алатки за анализа на посетеноста на нивната страница;
- само 3% од бизнисите имаат имплементирано напредни техники на оптимизација;
- 12% не се индексирани од Интернет пребарувачите.
Според Jill Pringle, Маркетинг Директор во ThomsonLocal, овие бизниси мора да се разбудат и да почнат да инвестираат во подобар квалитет на нивните страници со оригинална содржина која ќе им донесе нови клиенти многу побрзо отколку што им носи во моментот. Есенцијално за нив е да сфатат дека страницата која ја креираат мора да биде оптимизирана за Интернет пребарувачите бидејќи сега, многу повеќе од порано, клиентите се потпираат на нивните пребарувања во наоѓање на најдобро решение за нив.
Горенаведените статистики се шокантно изненадување за лидерите на пазарот кои цврсто се придржуваат до фактот дека оптимизацијата е основен чекор за успешно Интернет присуство. Она што можеби ви изгледа голема инвестиција кога ќе се одлучите да инвестирате во SEO е скоро занемарливо во однос на придобивките од успешно имплементирана оптимизација на вашата страница. За вас како сопственици на мали или средни претпријатија, оптимизацијата на вашата Интернет страница во денешно време може да биде и поуспешна од реклама на ТВ. На крајот споредете ги трошоците кои ви се потребни за огласување на ТВ со оние за менаџирање на успешно Интернет присутво и сами заклучете што е она што ви е поисплатливо.


[...] This post was mentioned on Twitter by Natalija, Petar. Petar said: Малите и средни бизниси игнорираат SEO http://bit.ly/bWe5S6 [...]
[...] процес. Ако малите и средните претпријатија често ја игнорираат оптимизацијата мислејќи дека за тоа се потребни [...]
Коментирај!
Blogroll
Архива