Како да менаџирате професионален Twitter профил
Без разлика на кои мрежи е присутен вашиот бренд, секогаш велам дека вашето присуство таму мора да е со точно определена цел. Така и со Twitter. Доколку имате профил на Twitter, пред да решите да промените нешто, јасно дефинирајте ја целта на вашето присуство таму:
- Дали сакате да се поврзете со пријатели и роднини?
- Дали сакате да споделите важни информации и новини со вашите клиенти?
- Дали сакате да привлечете нови клиенти и да им објасните зошто тие би требало да го користат вашиот производ или услуга?
Јасно е дека доколку целта ви е да контактирате со пријателите и роднините воопшто не ви ни треба професионален профил. Но, доколку вашата цел е некоја слична на останатите две, тогаш би требало да знаете неколку основни чекори кои ќе ви помогнат да го менаџирате вашето присуство на Twitter:
1. Уникатен дизајн. Аплицирајте уникатна позадина на вашиот профил. Дифолтната ја користат премногу индивидуалци и бизниси, па нема ништо оригинално во тоа. Има повеќе алатки кои ќе ви помогнат во креирањето на ваша позадина, а притоа се бесплатни, како на пример Twitbacks. 
2. Лични информации за контакт. На тој начин ќе им овозможите на оние кои ве следат на Twitter да ги поврзат вашите твитови со реален човек. Ова им нуди многу повеќе персонализација и им влева доверба. Луѓето сакаат да знаат дека позади брендот постои реален човек, сакаат да го запознаат тој човек и да се потпрат на него за сите проблеми и совети во врска со брендот. На тој начин и вашата поддршка на вашите клиенти е многу полична.
3. Професионални твитови. Луѓето ве следат со причина. Дали причината е нови понуди или промени во вашите производи и услуги, тие ве следат токму заради тоа. Еднаш кога ќе одлучите да ја промените темата на комуникација, вие ризикувате да ги изгубите. Затоа секогаш пред да постирате некој твит запрашајте се зошто луѓето ве следат и дали содржината на твитот е она што тие очекуваат да го прочитаат. Ако одговорот на овие прашања е не, тогаш воопшто не го постирајте тој твит.
4. Зачестеност на твитање. Твитајте редовно. Луѓето кои ве следат очекуваат редовни информации за вашиот бренд. Но внимавајте да не претерате. Доколку постирате 20 твита наеднаш очекувајте дека дел од луѓето нема да ве следат повеќе. Никој не сака да го пренатрупате со информации и да го спамирате. Доволни се неколку твита дневно за на професионален и уреден начин да им ги пренесете информациите на луѓето.
5. Луѓе кои ги следите. Најлесен и најприменуван начин за што повеќе луѓе да ве следат, е вие да следите еден куп луѓе. Но, тоа не е правилниот начин, затоа што нема да ви ги донесе очекуваните резултати од вашето присуство на Twitter. Следете само луѓето чии твитови се од ваш интерес и кои можат да придонесат вредност за вашиот бренд. Доколку некој кој не ве следи го посети вашиот профил и види дека вие следите 3000 луќе а ве следат 300, нормално е да помисли дека немате доволно вредна содржина на вашиот профил и да се одлучи да не ве следи. Доколку ситуацијата е обратна, 300 луќе следите, 3000 ве следат, овие 3000 многу лесно се зголемуваат се повеќе. Но сепак, мора да се трудите да бидете што поинтересни за да ги придобиете луѓето да ве следат.
Овие чекори ќе ви помогнат да ја поставите основата за професионално водење на Twitter профилот. Се надевам дека секој оној кој што поседува профил на Twitter, веќе на памет ги знае и применува. Но тука не завршува работата. Секој има свои тајни на успех за водење на профилот. Па ве повикувам сите да ги споделите вашите!




[...] This post was mentioned on Twitter by darko buldioski, Dimitar Krstevski. Dimitar Krstevski said: RT @darko156: Неколку совети: Како да управувате Twitter профил – http://emarketing.komunikacii.net/profesionalen-twitter-profil/ [...]
Коментирај!