Преглед на интернет пазарот за огласување во Македонија
Пред некое време HTTPool ги сподели со нас резултатите од анализата направена на пазарот за огласување во Македонија, но чекавме да помине Social Media Day, за да ги споделиме резултатите до кои тие стигнаа.
Целокупната презентација можете да ја видите на крајот на постот, но би сакала да сумирам некои значајни статистики и податоци кои верувам ќе ве засегнат и вас. Голем дел од нив беа споделени со посетителите на Social Мedia Day, меѓутоа за оние кои не беа таму ќе се потрудам да дадам еден краток пренос:
1. Буџетот за интернет огласување, иако е во пораст од изминатата година, сеуште зазема многу мал процент од вкупниот буџет за рекламирање. Во јануари 2010 стартуваше многу ниско, за во следните месеци да доживее значаен пораст. Летните месеци очекувано средствата се намалуваат. Она што е изненадувачки во последната четвртина од годината е тоа што буџетот значително се намалува, за да достигне најмалку алоцирани средства во ноември месец. Во декември се забележува пораст, веројатно заради новогодишните и божиќните кампањи.
2. Постојат драстични разлики помеѓу средствата издвоени за рекламирање во различни индустрии. Индустријата за мобилна телефонија очекувано е лидер во потрошени средства, директно следена од автомобилската индустрија, телекомуникациските услуги и медиумите. Сите останати разгледувани индустрии се многу мали играчи на пазарот за интернет огласување во Македонија. Заклучокот е дека Македонија сеуште не покажува зрелост за користење на Интернетот како медиум за огласување, меѓутоа добрата страна е што сеуште имаме простор за голем развој во ова поле.
3. Во согласност со најголемите играчи на пазарот во поглед на учество по индустрија, учеството по сектори е правопропорционално. Телекомуникацискиот сектор е лидер, директно следен од секторот за транспорт и медиуми. Повторно останатите сектори имаат занемарлив удел во вкупните потрошени средства споредени со водечкиот сектор на пазарот за интернет огласување.
4. Медиумите и како индустрија и како сектор заземаат едно од водечките места во поглед на потрошениот буџет. Меѓутоа разгледувајќи ги категориите на медиуми кои трошат најголеми средства, може да се заклучи дека македонскиот пазар сеуште не ги спознава придобивките од користењето на интернет огласувањето за бизнис цели. Водечка категорија во поглед на потрошени средства за интернет огласување е забава и разонода со 66.72% учество во вкупниот потрошен буџет од страна на медиумите за интернет огласување.Бизнис категоријата е на дното на таблеата со само 0.07% учество во потрошените средства.
5. На крајот се истражуваше какви видови на креативни решенија македонските огласувачи преферираат да користат и воедно се спремни да платат за истите. Најголем буџет се потроши на LREC банер, додека поиновативните решенија, како PR-text и Video, сеуште се минимално користени.
Не ги издвојуваме самите бројки заради методолошката ограниченост на самата анализа. Имено анализата е направена врз база на следење на банерите објавени на најголемите локални сајтови. Математиката е извршена според нивните јавни ценовници. Иако по истиот метод и Советот за радио дифузија го пресметува капацитетот на локалниот пазар за огласување на електронските медиуми (ТВ и радио), сепак резултатите од овие анализи мора да се земат со доза на резерва. Причината е едноставна, тие не ги вклучуваат попустите, компензациите, бесплатните гласувања и самостојните промоции.
Како и да е, ова е пинонерски потфат на Httpool и Ipsos Strategic Puls кој е за поздравување. Она што е релевантно се трендовите, и тие не смее да бдат занеамрени.
Во продолжение погледнете ја целокупната статистика за ова истражување.
Какво вашето мислење за состојбата на македонскиот пазар за интернет огласување? Дали презентираната состојба можеби е малку различна во вашите очи?


Коментирај!