Сумарно Glocal: Inside Social Media
Крај на Glocal: Inside Social Media конференцијата за нови медиуми, којашто од 15 до 17 Октомври се одржуваше по трет пат во просториите на New York University Skopje.
Трите дена завршија, секој на свој начин. Морам да признаам дека ова беше најразновидната конференција на која сум присуствувала. Да, се’ се вртеше околу друштвените медиуми, но имаше најмалку 20 различни аспекти, видувања и размислувања, колку што и презентeрите беа различни меѓу себе.
IT.com.mk и itdogadjaj.com, ми помогнаа да си заштедам зборови од прераскажување на што точно се случуваше таму. Топло ви препорачувам да ги прочитате нивните прегледи на сите три дена посебно:
- http://it.com.mk/index.php/Statii/Veb/Glocal-Conference-vo-zhivo
- http://it.com.mk/index.php/Vesti/IT.mk/Beleshki-od-prviot-den-na-Glocal-09
- http://www.itdogadjaji.com/2009/10/15/glocal-prvi-dan/
- http://it.com.mk/index.php/Vesti/IT.mk/Beleshki-od-vtoriot-den-na-Glocal-09
- http://www.itdogadjaji.com/2009/10/16/glocal-konferencija-drugi-dan/
- http://it.com.mk/index.php/Vesti/IT.mk/Beleshki-od-tretiot-den-na-Glocal-09
- http://www.itdogadjaji.com/2009/10/17/glocal-2009-konferencija-treci-dan/
И секако прочитајте детално за секоја презентација одделно на http://glocalconference.com/blog.
Е сега да не се повторувам, затоа што медиумите се убаво си раскажаа, ќе го пренесам само она што мене ми остави најголем впечаток.
Прво, едно големо БРАВО за организацијата на настанот. Сите кои организираат вакви настани требаше да бидат таму и да видат како тоа треба да се работи. Обрнувајќи внимание на сите детали, организаторите се потрудија сите се учесници да се чувствуваат како значаен дел од настанот. Сите услови беа овозможени за учесниците да можат да ги пренесат своите впечатоци надвор. Wi-fi мрежата во ниту еден момент не не изневери, што на пример не беше случај со Wеbit, каде што имаше големи проблеми. Сите информации се пренесуваа под тагот glocal09, така што можете да проследите информации на Twitter и да ја видите фотогалеријата од настанот на Flickr.
Второ, ми се допадна што сите презентации беа групирани во повеќе сесии, секоја под свое име и за одредена тема, што го заокружуваше значењето на дискусијата и го одбележуваше денот. Презентациите во една сесија беа компатибилни една со друга и се надополнуваа.
Трето, разновидноста на презентерите и нивниоте мислења мислам дека беа главно обелжје на настанот. Може да се слушнат полемики и тотално различни ставови, што особено ми се допадна, бидејќи ви овозможува да ја согледате темата од различни аспекти.
Некои од фактите што сакам да ви ги пренесам, а беа изнесени на презентациите се следните:
- Во Германија, луѓето на возраст од 14-19 години, коишто се наречени “digital natives“, дневно во просек трошат 120 минути на Интерент, 100 минути на телевизија и 97 минути на радио; во споредба со вкупната популација во Германија којашто во просек троши 223 минути на телевизија, 186 минути на радио и само 58 на Интернет.
- Сите старосни групи најмногу ги користат интернет пребарувачите, освен луѓето повозрасни од 50 години кои најмногу користат e-mail.
- 80% од луѓето вработени во одделите за човечки ресурси во Америка го користат Интернетот за најдат повеќе информации за апликантите за работа, или пак да најдат потенцијални кандидати за работата.
- Вкупно 23,538,791 eдинствени на Twitter и 124,579,479 на Facebook и овој број е во пораст, додена на My Space има 50,229,156 и овој број паѓа.
- Компанијата “Dell” има 2 милиони долари заработка од Twitter.
- 5 друштвени медиуми коишто “BBC” ги користи се: Delicious, Twitter, Facebook, StumbleUpon и Digg.
- Во Македонија има 1500-2000 луѓе коишто користат Twitter; од нив се само 700 активни. Facebook го користат околу 300 000.
- 1591 интернет страница се забранети во Турција до февруари; 523 од нив поради порнографска содржина.
- 3/4 од сите дигитални пораки се пратени преку мобилните уреди.
- На луѓето денес им се доволни новости од 140 карактери и не сакаат да читаат статии од 3 страни.
Она што мене ме вчудоневиди и што искрено ме разочара е што дел од нашата публика сеуште полемизира околу тоа дали и зошто да се комуницира во дигиталниот свет. Иако беа наведени добри аргументи во поглед на штетноста на компјутеризираното општество (нормално детство, покажување емоции при комуникација, заштита на идентитет и приватност, итн.), сепак јас мислев дека таквата дискусија е завршена уште пред најмалку 5 години. Меѓутоа, ме радува фактот што останатиот дел од публиката, којшто јас сакам да верувам дека е далеку поголем, воопшто веќе не ни размислува на таа тема.
Опфаќајќи најразлични теми, како што можевте да прочитате од наведените статии, главната цел на овој настан беше да се покаже и докаже дека начините на комуникација еволуирале и еволуцијата никогаш нема да згасне. Дигиталните медиуми се неизоставен дел од секојдневието и нивните предности се далеку поголеми одколку нивните недостатоци. Дигиталните медиуми на секој еден поединец му даваат голема моќ на комуникација, дури поголема и од онаа што компаниите ја имаат. Компаниите внатрешно веќе го заменуваат начинот на комуникација преку e-mail или телефон со користење на постоечките социјалните медиуми или развивање на свои сопствени. Социјалните медиуми се најголем извор на информации во реално време и најмногу се користат за споделување на знаење.
На крајот можам да заклучам дека, иако на дел од дискусиите се посомневав дека македонската публика е спремна и отворена да ги прифати новите медиуми и начини на комуникација, сепак на крајот се докажа дека и покрај ваквото размислување имаме луѓе коишто се во директен чекор со сите промени во светот на ова поле и реално и практично ги применуваат истите во своето секојдневие. Останува останатиот дел од публиката да ја увиди важноста и полазата од користењето на дигиталните медиуми.



[...] This post was mentioned on Twitter by Martin Spasovski, Natalija. Natalija said: Сумарно Glocal09 – http://bit.ly/3QPsFc #glocal09 [...]
Коментирај!