Дали сакате вашата e-mail промоција да има ефект?
Секако дека сакате. Зошто би го праќале e-mail ако немате некоја цел? Прилично непотребно прашање нели? Па да, навистина делува нелогично, но ајде да разгледаме еден пример кој случајно влета во моето сандаче и ме забоде во око.
Некако поубаво ми е кога користам локални примери за да истакнам неколку совети кои е добро да се знаат ипрактикуваат. Едноставно овој начин на објавување привлекува повеќе внимание :).

Вака изгледаше пораката која ја добив во моето сандаче. Скратена е сликата, ама тоа е тоа. Надолу има уште малку бело и завршува пораката. Од насловот не ми стана јасно која е оваа групација за која не паметам дека сум се претплатил да добивам e-mail. Дополнително, не само што не ми е позната групацијата туку насловов воопшто не ми кажува ни што нуди. Може да значи се и сешто. А мене најмногу би ми одговарало ако се грижат за моето време со тоа што 1) нема да ми го трошат залудно, 2) ќе земат да ми сработат нешто за да ми остане мене повеќе и 3) ќе ми пласираат корисна и јасна понуда со која навистина ќе заштедам време. Адресата од која ми е испратен овoj e-mail не е од сопствен домен, туку од t-home.mk, а дополнително никаде не гледам опција да се отпишам од листава на која по некоја случајност (или не) сум се нашол.
Нате пред некое време наведе 6 основни трикови за e-mail маркетинг. Број 4. вели:
Внимавајте на дизајнот. Доколку имате слики или било какви визуелни елементи во вашиот e-mail, секогаш треба да внимавате како тој би изгледал доколку mail клиентот на вашата публика ги блокира ваквите елементи. уште поважно е вашата главна порака да ја пренесете во горниот банер на e-mail-от, како читателите веднаш би можеле да добијат претстава за што зборувате.
Ајде, си велам, ќе ја отворам сликава да видам што се крие зад неа.
Веројатно некој печатен леток, т.н. флаер. Така барем изгледа според дизјанот. Ситни букви, не баш многу читлив текст и тотално неинтерактивно искуство. Нити сликава има линк, нити пак некаде на друго место може да се кликне некаде. Иако реков дека нема да ја впишам адресата, прегризав јазик, и појдов да го видам сајтот.
А таму најдов лого кое не е скроз исто со ова и боја на сајтот која не кореспондира со оваа на летоков. На прва се помислив дали добро сум ја впишал адресата :). Но сепак, да таа е компанијата. Се обидов да најдам и каде тоа може да се претплатам, или уште попрецизно откажам од претплатата на нивните промоции. Но, на сајтот нема никаква можност за претплата, а со закон се задолжени да понудат откажување на самата e-mail порака. Па се помислив дали да им пополнам и пратам еден Урнек за писмо – одговор на спам (antispam template). Не испратив, туку решив да пишам пост и
да резимирам:
- Внимавате како изгледа пораката кога mail клиентот на вашата публика ги блокира визуелните елементи;
- Прилагодете ја содржината на медиумот. Ставете барем еден линк. :)
- Погрижете се визуелните елементи да соодветствуваат (потсетуваат) на вашиот сајт или корпоративниот имиџ
- Задолжително оставете можност за отстранување од e-mail листата (законот ве задолжува)
Немам ништо против фирмава, да не бидам сфатен погрешно. Вакви примери стасуваат во нашите сандачиња секој ден. Едноставно овој ми се погоди при рака за да посочам нa некои работи на кои треба да се внимава ако се цели кон постигнување на некаов ефект од e-mail кампања. А за мерењето и следењето на ваквите кампањи, најавувам повеќе дискусија во некој следен пост.



Иако препораките се јасни и „здравопаметни“, чудно е колку луѓе/компании ги игнорираат овие едноставни правила.
Претпоставувам дека знам и зошто: секој мисли дека е познавач на сѐ. Колку комплицирано е да се испрати реклама по email порака?
Испаѓа дека е комплицирано, ако *мислиш* дека знаеш.
Ванчо, верувам дека креаторите на ваквите кампањи имаат со што да се оправдаат и да кажат дека клиентот толку платил или нешто слично… а дека они знаат како треба… ама сепак не верувам дека тоа е оправдание
Фала за коментарот.
БТЊ, одличен е блогов.
Ми отиде работниов ден, почнав да го читам со ред… :)
Фала за пофалбите Ванчо, ни значи, особено кога доаѓа од некој искусен како тебе :)
Малку го забавивме темпото периодов, ама ќе пишуваме поредовно, ветувам :)
Може и некое позитивно искуство да се истакне, доколку си забележал такво кај нас…
Синиша, секако дека може, дури и посреќен ќе бидам кога ќе се случи тоа… искрено. Еве колку да не остане само на зборови, последно нешто што ме воодушеви беше newsletter-от на SONY на МК. Знам дека тој не е направен од наши луѓе, туку е само превод на веќе добро поставен модел.
Како и да е, ако не си го видел, ти препорачувам да се претплатиш и да го видиш, навстина има што да се научи од него :)
…во ред, веќе се претплатив. А доколку ти не си регистриран на tiktak.me, ти препорачувам исто така да се регистрираш – ме интересира коментарот за нашите емаил кампањи.
Се регистрирав, сега. Долг процес, морам да признаам :) и на крај не сум сигурен дали од сите можни опции кои може да ги изберам во Е-маил нагодувања ја имам избрано соодветната за да ги добивам вашите емаил кампањи :)
си ја избрал, проверив : ).
Инаку регистрацијата на tiktak.me e релативно подолга, поради фактот што секој регистриран корисник може веднаш да продава или дури и да отвори сопствена продавница. Гледано од тој аспект мислам дека процедурата и не е толку долга.
Фала. :)
Да, да ми стана тоа јасно. Сепак, ако само сакам да купувам, или да го разгледам системот за да почнам да му верувам, може да ме предомисли таа форма… а истите податоци може да се побараат и подоцна во процесот на регистрација.
знам, се согласувам со тебе… Меѓутоа, сепак се работи за аукциски сајт и побитна ни е сигурноста на сајтот, отколку што поголем број (непроверени) членови.
Замисли, наддаваш на некоја од аукциите, се појавува некој што се регистрирал набрзина, дава многу поголема понуда од твојата и потоа го снемува…
1. Ти не си го купил предметот кој што си имал намера да го купиш
2. Продавачот не успеал да го продаде, а дополнително треба да бара да му ја вратиме провизијата
3. или, доколку сака, може да го понуди предметот со “Втора Шанса” купување – но секогаш ќе постои сомнеж дека би постигнал повисока цена доколку не се јавел “мистериозниот” наддавач
4. “Лесно регистрираниот член” ќе го суспендираме, но каков ефект ќе постигнеме…
На некои други аукциски сајтови во опкружувањето, неопходни се и скенирани или фотографирани лични документи, преверка по телефон или верификација преку кредитна картичка за успешна регистрација – што велат србите “Боље спречити него лечити…”
Коментирај!
Blogroll
Архива
Последни постови
Most Commented
Последни коментари