6 основни трикови за e-mail маркетинг
E-mail маркетингот, доколку се користи правилно, е еден од најисплатливите начини на промоција на вашиот бизнис. Воедно, оваа техника претставува еден од најлесните, најбрзите и најевтините начини за остварување на комуникација со вашите сегашни и потенцијални клиенти.
Успешноста на овој метод на промоција/комуникација најчесто се мери со бројот на лугето коишто го отвориле e-mail-от и бројот на кликовите кои што тој ги генерирал. Но не секогаш луѓето ги отвараат e-mail-овите и не секогаш луѓето кои што ги отвориле се заинтересирани за она што вие го нудите, што значи дека вие нема да донесете посетители, ниту потенцијални клиенти, на вашата страница. Тогаш што е потребно да направите за да имате придобивки од користењето на оваа техника?
На почеток да расчистиме неколку работи. Прво, e-mail маркетинг не е исто што и рекламирање. E-mail маркетингот е многу повеќе од она што рекламирањето има да го понуди. Во е-mail маркетингот главна водечка сила е двонасочната комуникација, додека во рекламирањето обично таа е еднонасочна. Второ, ако се прашувате кој би требало да ја користи оваа техника, подобро прашање би било а кој не би требало. Секој од вас на којшто му е важно да биде блиску до своите сегашни и потенцијални клиенти и да развива успешна комуникација и врска со нив, би требало да ја користи оваа техника. И трето, но не и последно, како што веќе кажав погоре, e-mail маркетингот е најдобар, најбрз и најевтин начин на комуникација со вашите сегашни и потенцијални клиенти.
Е сега, доколку веќе сте ја користеле оваа техника, но резултатот не бил како што сте планирале, прочитајте ги долунаведените точки, коишто се надевам ќе ви помогнат да станете подобри и поуспешни при користењето на e-mail маркетинг:
- Моќта е да кажете што повеќе со помалку зборови. Секогаш велам дека луѓето имаат синдром многу да зборуваат и да пишуваат. За да си ги претстават своите производи, компаниите најчесто ги пренатрупуваат e-mail-овите со текст. Како што имам кажано во едно мое интервју, убавината на овој метод е да кажеш што повеќе можеш со помалку зборови и да успееш да го задржиш вниманието уште во првата реченица.
- Изберете ја вистинската публика. Најчеста причина за неуспешнноста на овој метод е нерелевантноста на содржината во e-mail-от за листата на луѓе коишто вие сте ја одбрале. Затоа, бидете многу внимателни што и кому праќате. Усогласете ја пораката за секоја целна група и пратете на повеќе различни сегменти. Масовното праќање нема да наиде на добар одговор.
- Бидете јасни и концизни. Овозможете им на луѓето лесно да сфатат што нудите и веднаш да одлучат дали вашата понуда е интересна за нив. Јасно истакнете ја акцијата која што би сакале да ја направат, било тоа да е линк то вашата страница, или пак до симнувањето на вашиот производ, или пак до формата за фидбек.
- Внимавајте на дизајнот. Доколку имате слики или било какви визуелни елементи во вашиот e-mail, секогаш треба да внимавате како тој би изгледал доколку mail клиентот на вашата публика ги блокира ваквите елементи. уште поважно е вашата главна порака да ја пренесете во горниот банер на e-mail-от, како читателите веднаш би можеле да добијат претстава за што зборувате.
- Излез од листата. Овозможете им на луѓето да се исклучат од листата на приматели, со тоа што ќе вклучите линк на крајот од содржината преку кој што ќе можат да ја извршат оваа акција. Така ќе им дадете до знаење дека ги почитувате нивните преференции.
- Испраќач и наслов на e-mail-от. Користете краток, но експлицитен наслов којшто на прв поглед ќе го привлече вниманието на читателот. Испраќачот би можел да го вклучува името на компанијата/производот, или пак лично име. во секој случај, испраќачот треба да им е познат на вашите читатели, со што си ја зголемувате можноста за поголем број на луѓе коишто го отвориле e-mail-от.
Доколку сте ги покриле горенаведените точки, бидете сигурни дека сте поставиле сигурна основа за успешен e-mail маркетинг. Доколку секогаш ги имате на ум вашите читатели и нивните потреби при креирање на ваквата кампања, позитивните резултатите се неизбежни. Кога веќе успешно ќе ги практикувате горенаведените, ќе можете да почнете да експериментирате со сите техники на e-mail маркетингот, за коишто и понатаму ќе зборуваме на нашиот блог.
И секако, ние ги очекуваме вашите сугестии и коментари, и би сакале да прочитаме за вашето искуство со употребата на оваа техника.


Само како надополнување на постот, многу често се случува во e-mail-от да почнеме да зборуваме колку нашиот производ е добар, што е погрешно. Никој не сака да слушне колку тоа ние сме паметни и вредни. Клиентите ги интересира како нашиот производ ќе им помогне во работата. Според мене, најдобрата пракса кога се работи за содржината на е-mail-от е да се почне со прашање/а за нешто што го засега потенцијалниот купувач и потоа да се продолжи со директинте бенефиции кои ќе ги добие доколку го користи нашиот производ. Ова во комбинација со точките претходно наведени + анализа на податоците колку пати е отворен маилот или кликнат линкот ќе се добие успешна е-mail маркетинг. кампања.
Потполно се согласувам со тебе. Поставување на прашања кои што ќе го засегнат читателот уште на почетокот на e-mail-от е можеби најефикасниот начин на привлекување интерес. Уште повеќе доколку читателот не е свесен за проблемот, со поставување на прашања ќе го натераш на размислување и на воочување како твоите производи и услуги може да го решат неговиот проблем. Многу често луѓето не ни знаат што точно им треба за поуспешна работа и едноставно, начин на живот, па треба да се земе во предвид и дека треба да им се воочи дека постојат алатки коишто многу ќе им помогнат. На крајот, анализа на податоците е неизбежна. Доколку не се следи колку ефект предизвикал e-mail-от кај читателите, тогаш е исто како воопшто да не бил пратен. Има уште многу што да се зборува на оваа тема, па ќе се навраќаме со многу подетални трикови и совети.
Стефан се надевам дека имаш уште многу што да кажеш, како на оваа, така и на другите теми. па ги очекувам твоите понатамошни коментари.
Коментирај!
Blogroll
Архива