5 совети за повеќе конвертирани посетители
Да речеме дека веќе сте ги имплементирале повеќето совети пишани во изминатите постови. Сметате дека вашата страница е професионално изработенa, со правилна употреба на сите потребни елементи, но сеуште се борите со конвертирањето на посетителите во клиенти. Зошто е тоа така? Ајде да проследиме неколку кратки совети коишто помалку или повеќе ни гарантираат зголемена стапка на конвертирање, па да провериме дали и овие совети ги имаме применето:
1. Едноставна содржина
Препрочитајте ја содржината на вашата таргет страница и запрашајте се дали ги задоволува вашите критериуми од корисничка страна. Наједноставно е да следите неколку добро познати насоки за пишување содржина:
- користете набројувања наспроти параграфи
- истакнете ги вредностите наспроти функционалностите на вашиот производ/услуга
- пишувајте кратко, јасно и едноставно
- ставете го посетителот во фокус и обраќајте му се директно него
2. Скратете ја формата за пополнување
Дали навистина ви требаат сите оние информации кои ги барате од посетителот? Запаметете едно едноставно правило, колку е подолга формата за пополнување, толку помалку посетители ќе ја пополнат. Запрашајте се кои се минимум податоци што ви се потребни за посетителот за да можете успешно да ги задоволите неговите барања. Дали веднаш тој би морал да ви ја каже дејноста во која делува или колку вработени има во својата фирма? Сите дополнителни информации кои не ви се потребни за иницијален контакт со посетителот веднаш тргнете ги од формата. Тие лесно ќе ги дознаете во вашите следни контакти, доколку тој навистина е заинтересиран за она што го нудите. За почеток е доволно да му побарате име и презиме и e-mail адреса, како би можеле да го остварите иницијалниот контакт. Доколку вашата понуда е насочена кон бизнис корисниците можете да си дозволите да побарате и име на компанијата и телефонски број.
3. Користете ги податоците од мерењето на посетеноста
Под претпоставка дека сите користите некаква алатка за мерење на перформансите и посетеноста на вашата страница, како на пример Google Analytics, искористете ги податоците кои таа вам ви ги нуди за да донесете некакви заклучоци за вашата страница. Ваквите алатки ви нудат информации кои имаат огромно влијание врз заклучоците за промени кои вие ќе ги правите во иднина. Освен нели основните бројки за број на посети, се надевам дека успешно ги следите и применувате податоците за Bounce rate, време поминато на вашата страница, дел од денот кога имате најмногу посети, извори на посети кон вашата страница и сите слични податоци кои овие алатки ги нудат. Што е уште поинетерсно, сте погледнале ли некогаш која резолуција ја користат најголемиот број на вашите посетители, или кој пребарувач, или можеби кој оперативен систем го користат? И овие информации можете да ги добиете доколку користите вачва алатка и успешно да ги примените при следната промена на дизајнот на вашата страница.
4. Бидете внимателни при употребата на слики
Употребата на слики на вашата таргет страница привлекува голем интерест и може да ја зголеми вредноста на вашата страница во очите на посетителите. Сепак и ова си носи свој ризик. На пример, сликите можат да бидат толку ефикасни при одземањето на вниманието на посетителот, што вашата цел може да биде занемарена или игнорирана од негова страна. При користењето на слики, секој пат имајте на ум дека тие треба да го водат посетителот кон исполнување на вашата цел (клик на копчето за акција или пополнување на форма), но не и да го одвлекуваат неговото внимание подалеку од вашата цел.
5. Вклучете ги посетителите
Размислете дали вашата страница вклучува елементи кои ќе ги анимираат вашите посетители и ќе направат тие да се чувствуваат како дел од неа. Настрана од вашата иницијална цел (клик на копчето за акција или пополнување на форма), мора да понудите и содржина која што ќе биде интересна за нив и ќе го збогати нивното искуство со вашата страница. На пример, дали имате линк до вашата Facebook страница, блог, форум, дополнителни статии, RSS, и слични елементи кои ги предизвикуваат посетителите на поголема интеракција со вашата страница? Овие елементи можат да додадат вредност на вашата цел.
На крајот, не исистирајте да го дуплирате она што веќе го имате. Наместо да бркате што повеќе посети на вашата страница, зголемите ја стапката на конвертирање на посетителите во клиенти. Инсистирајте да ги збогатите постоечките елементи на страницата и да ги оптимизирате на тој начин што ќе ви помогнат подобро и повеќе да ги конвертирате посетителите што веќе ги добивате. Следејќи ги горенаведените совети (во комбинација со многу претходно пишувани) сте чекор поблиску до оставрување на вашата цел.



Коментирај!